Ајнтрахт Франкфурт ја комплетираше неверојатната сезона во Лига Европа со освојувањето на титулата во Севилја по пенал-драмата против Глазгов Ренџерс, откако по 120 минути игра беше 1:1. Во пенал-серијата, трагичар на шкотскиот клуб беше најголемото засилување минатата сезона, Арон Ремзи, кој беше единствениот кој не постигна гол во пенал-рулетот.
Титулата, втора европска во историјата на Ајнтрахт по Купот на УЕФА во 1980 година, е сосема заслужена откако бундеслигашот успеа драматично во четврт-финалето да ја елиминира Барселона на „Ноу Камп“, по што во полуфиналето беа подобри и од Вест хем јунајтед.
Ниту андалузиската жештина (32 степени на стартот на мечот), не ги спречи двата клуба кои долго чекаат за европска титула да одиграат возбудлив меч, во кој Ајнтрахт имаше повеќе шанси, но Ренџерс беа тие кои дојдоа први во водство.
Нигериецот Џо Арибо во 57. минута успеа да направи одличен продор и да го совлада Кевин Трап за „лудница“ од страна на шкотските фанови на стадионот. Меѓутоа, во 69. минута, Филип Костиќ му асистираше на Рафаел Боре, за тој да го постигне четвртиот гол за Ајнтрахт во Лига Европа оваа сезона за израмнување. До крајот на мечот, Ајнтрахт повторно имаше неколку поизгледни шанси, но на крајот по 90 минути стана јасно дека ги чека долга ноќ во Севилја.
И продолжението донесе повеќе шанси од бундеслигашот, но најдобрите две шанси ги имаше тимот на Џовани ван Бронкхорст. Во пенал-серијата, до третата серија пеналџиите беа прецизни, пред поранешниот фудбалер на Арсенал и Јувентус, Арон Ремзи да има крајно лош обид, кој заврши во рацете на Кевин Трап. По него, Филип Костиќ беше прецизен за Ајнтрахт, како и Кевин Руф за шкотскиот клуб, по што Рафаел Боре го постигна шампионскиот гол за германскиот клуб.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк