Top Sport

Академија Пандев го освои Купот само 9 години по основањето

ФК Академија Пандев е освојувач на Купот на Македонија, откако со 4:2 по изведувањето на пенали го совладаа тимот на Македонија Ѓорче Петров, благодарение на нивниот српски голман Душан Чубраковиќ, кој одбрани два пенали.

Ова е фантастичен успех за клубот кој е формиран само пред девет години од страна на македонскиот капитен Горан Пандев, и кој првпат влезе во Првата лига само пред две години, а оваа сезона покрај третото место во националниот шампионат можат да се пофалат и со прв трофеј во историјата на клубот. Македонија пак, може да жали за големата шанса по вторпат да го крене трофејот од купот по 2006, кога беа подобри од Шкендија.

Во претходните 120 минути, двата тима не успеаја да направат предност. Ветеранот Сашко Пандев во 10-тата минута постигна прекрасен гол од дваесетина метри за да донесе предност на Академија Пандев, но Робсон да Силва израмни во 21. минута за на полувреме да се отиде со 1:1.

Дејан Тантуровски во 84. минута направи целосен пресврт и Македонија поведе со 2:1, но само две минути подоцна, клубот од Струмица израмни преку Љупче Дориев со гол од белата точка.

Фото: ФФМ

Scroll to Top