Претседателот на Пари Сен-Жермен, Насер Ал-Хелаифи имаше брутален одговор за претседателот на шпанската Ла лига, Хавиер Тебас, кој претходно изјави дека продолжувањето на договорот на Килијан Мбапе со францускиот клуб е „навреда за фудбалот“.
Тебас посочи дека ПСЖ не ги почитува правилата за финансиски ферплеј нудејќи му огромна сума на Мбапе и покрај тоа што имаат загуби од над 700 милиони долари, нарекувајќи го клубот поголема опасност од Суперлигата. Покрај тоа, Ла лига официјално го пријави ПСЖ пред УЕФА.
„Мислам дека претседателот на француската Лига 1 треба да одговори на тоа. Можеби тоа е знак дека Лига 1 е подобра од Ла лига. Договорот со Килијан е позитивен за нас и за Лига 1. Ла лига веќе не е истата од пред три-четири години. Ние го заддржуваме најдобриот фудбалер на светот во Франција. Го имаме Мбапе, тој останува со нас, и за другото, искрено не ни е грижа“, вели Ал-Хелаифи на прес-конференција со Мбапе.
Тој исто така тврди дека финансиите не биле најважни за Мбапе.
„Парите не се најважни за Килијан Мбапе. Има уште еден клуб во Шпанија кој може да му плаќа многу повеќе од нас. Спортскиот проект беше најважен за продолжувањето на договорот“, додаде Катарецот.