Азиските шампиони Ал-Хилал со 6:1 го декласираа домаќинот на Светското клупско првенство, Ал-Џазира за да ја добијат честа да се пресметаат со шампионите од европската Лига на шампиони, Челси.
Саудискиот клуб почна лошо, откако клубот од Абу Даби стигна до водство во 13. минута преку Абдулај Диаби, но поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Нигериецот Одион Игало израмни во 36. минута, пред Бразилецот Матеуш Переира да ги донесе во водство во 40. минута.
Во второто полувреме, Ал-Хилал доминираше и постигна уште четири гола – Кано (57.), Ал-Давсари (77.), Марега (88) и Кариљо (92.).
Во првото полуфинале на Светскиот клупски шампионат, шампионот од Копа Либертадорес, бразилскиот Палмеирас на 8 февруари игра со африканскиот шампион, египетскиот Ал-Ахли, додека Челси ќе се судри со Ал-Хилал на 9 февруари, со финалето предвидено за 12 февруари.