Жорди Алба, незаменливиот член на стартната постава на Барселона, по елиминацијата од Купот на Кралот многу живописно ја опишал кризата во која се наоѓа клубот. Барса нема игра, резултатите се под очекуваното, а и односите меѓу играчите, според медиумите, не биле добри.
Алба пред новинарите излегол по поразот од Атлетик во Билбао (1:0). Со овој пораз Барса испадна од домашниот Куп во четврт-финалето.
„На Барселона од надвор се фрлени го..а, па сега ние во клубот меѓу себе се гаѓаме со тие го..а. Тоа е целата вистина. Меѓутоа ние сме тим и тоа ќе го докажеме“, рекол Алба.
Левиот бек ги коментирал и несогласувањата помеѓу Лионел Меси и спортскиот директор Ерик Абидал.
„Абидал играше за овој клуб, навивачите го сакаат и поради тоа тој мора да знае како е во соблекувалната, како дишат играчите. Што се однесува до конверзацијата помеѓу него и Меси, па…секој има право на свое мислење“, заклучил Алба.