Top Sport

Алегри: Ќе испаднам кукавица ако сега го напуштам Јувентус

Италијанскиот калчолигаш Јувентус живее драматични моменти. Тимот во четвртокот беше елиминиран во полуфиналето на Лига Европа, а вчера доби казна од 10 бода поради која нема да настапува во Лигата на шампионите следната сезона. Како епилог на тоа, следеше и пораз од Емполи (4:1) во Серија А.

Според тренерот, Масимилијано Алегри, сето ова што му се случува на клубот е неоправдано, а тој нема да го напушти во тешкиот период што следи.

„Мораме да разговараме со управата и да дознаеме каде ќе играме. Не знам ни дали ќе не пуштат во Лига Европа. Мора да почекаме. Планот е еден кога играш во европските натпреварувања, а сосема друг ако не учествуваш во нив. Ќе бидам кукавица ако го напуштам Јувентус сега. Да, во моментов сум разочаран, но не можам да ги обвинувам играчите бидејќи околностите постојано се менуваа“, изјави тренерот на Јувентус.

Поразот од Емполи е убедлив, но веста за казната дојде до играчите само десетина минути пред почетокот на мечот.

„Не треба да бараме изговори бидејќи ние сме Јувентус и навикнати сме да победуваме или барем секогаш да се трудиме да победуваме. Сепак, чудно беше да се дознае за казната само 10 минути пред мечот со Емполи. Примивме гол од првиот напад на противникот, па потоа уште еден и не успеавме да се вратиме. Но, јасно е дека овој тим на Јувентус на теренот оваа сезона освои 69 бода“, изјави Алегри.

Scroll to Top