Тренерот на Јувентус , Масимилијано Алегри, во текот на преодниот рок се поврзуваше со Реал Мадрид, но тој на крајот реши да не биде наследникот на Зинедин Зидан. Алегри остана во Торино, а Јувентус во овој преоден рок се засили со Кристијано Роналдо.
Алегри признава дека Реал е сон за секој тренер, меѓутоа поради Јувентус ја одбил понудата што ја добил од Мадрид.
„Реал е најголемиот клуб во светот, но јас му дадов збор на Јувентус“, рекол Алегри и дополнил.
„Горд сум и на самиот факт што Реал ми даде понуда. Сепак морав да ја одбијам бидејќи веќе му ветив на претседателот на Јувентус, Андреа Ањели, дека ќе останам. Поради две причини го одбив Реал, тоа се почитта што ја имам кон Јувентус и зборот што го дадов“, рекол тренерот на „старата дама“.
Сезоната што е пред нас ќе биде петта за Алегри на клупата на Јувентус. Тој во претходните четири години ја освојуваше титулата во Серија А и два пати дојде до финалето во Лигата на шампионите.