Top Sport

Алекс Сонг: Отидов во Барса за да станам милионер

Поранешниот фудбалер на Арсенал и на Барселона, Алекс Сонг признава дека бил лош со штедењето пари додека бил фудбалер на „топчиите“, и дека заминал во Барселона само за да стане милионер.

34-годишниот Сонг уште игра фудбал, откако во ноември 2020 потпиша договор со тимот на Арта Солар од Џибути, со кого настапува во Лигата на шампиони на Африка. Оттогаш, тој почна со инвестиции во својата таковина Камерун, основајќи градежна компанија во Дуала, модна агенција и локално школо.

Откако се проби во францускиот клуб Бастија, тој беше продаден на Арсенал за милион фунти во 2006 година. По неколку сезони на клупата и на позајмица во Чарлтон, тој во 2008/09 на само 21 година ги одигра сите 48 мечеви во тимот на Арсен Венгер. Во 2011 година, стана уште поважен за „топчиите“ откако Цеск Фабрегас замина во Барселона, по што во 2012 година направи трансфер од 15 милиони фунти во Барселона.

Во две сезони во Каталонија, тој ја освои титулата од Ла лига во 2013 година, но признава дека фудбалот му бил во втор план. Во разговор со кошаркарот на Торонто репторс, Паскал Сиакам, тој ја кажа својата мотивација.

„Повеќето фудбалери живеат далеку над своите можности. Бев во Арсенал осум години, но добро заработував само во последните четири, кога ми се зголеми платата. Не можев да заштедам ниту 100.000 фунти, а сите мислеа дека сум милионер. Кога Барса ми понудија договор и видов колку ќе заработувам, веднаш одлучив. Мислев дека мојата сопруга и децата треба да имаат удобен живот кога ќе ја завршам кариерата. Се сретнав со спортскиот директор на Барселона, и тој ми кажа дека нема да бидам постојано во првиот тим, но не ми беше грижа, знаев дека ќе бидам милионер“, вели Сонг.

По две сезони на позајмица во Вест хем, Сонг заврши во Рубин Казан, а играше и за Сион во Швајцарија.

Scroll to Top