Top Sport

Александар Влахо, нов тренер на Работнички

Работнички го именуваше Александар Влахо за нов тренер пред новата сезона, откако тој потпиша двегодишен договор со четирикратниот македонски шампион.

„По преговорите со неколку домашни и странски стратези, донесовме одлука Александар Влахо да биде именуван за нов шеф на стручниот штаб на Работнички. Се работи за млад домашен стратег кој има ПРО лиценца, добро го познава македонскиот фудбал, а истовремено има и одредено интернационално искуство. Низ разговорите се покажа дека има визија речиси идентична со нас за развојот и напредокот на ФК Работнички, гладен е за успеси и добива шанса да се докаже на кормилото на нашиот тим“, вели претседателот на Работнички, Драган Поповски.

Александар Влахо е среќен што добива можност да биде кормилар на Работнички и се надева дека со напорна работа ќе успее да ги оствари зацртаните цели на клубот.

„Би сакал да се заблагодарам на претседателот Драган Поповски и раководството на Работнички за довербата, се надевам дека максимално ќе ја оправдам со напорна работа и со успешни резултати. Не очекува многу работа, клубот е во фаза на формирање на нов тим, а максимално ќе бидеме посветени и да ја задржиме стратегијата за форсирање на млади фудбалери од младинската школа“, изјави Александар Влахо.

Фото: ФК Работнички

Scroll to Top