Top Sport

Алексис Санчез се спореди со „напуштено“ Ферари

Чилеанскиот напаѓач на Интер, Алексис Санчез јавно преку социјалните мрежи се пожали на малкуте минути кои ги добива во тимот, најавувајќи заминување од Милано.

Поранешниот напаѓач на Удинезе, Барселона, Арсенал и Манчестер јунајтед,  остана на клупата при 2:1 победата над Сасуоло во саботата, кога Хоакин Кореа и Лаутаро Мартинез беа стартери за тимот на Симоне Инзаги, додека Един Џеко влезе од клупата и беше клучен при победата – постигна израмнувачки гол, а потоа на него беше пеналот кој го искористи Мартинез.

Само што почна натпреварот, Санчез преку Инстаграм објави сторија на која има напуштено Ферари покриено со песок со порака на шпански јазик.

„Сфати дека можеш да вредиш многу, но ако си на погрешно место, нема да блеснеш“, напиша Санчез, кој неколку минути подоцна го избриша постот.

32-годишниот Санчез има одиграно само 70 минути оваа сезона за Интер во четири натпревари.

Scroll to Top