Реал Мадрид направи уште еден сензационален пресврт и го елиминира Манчестер Сити (3:1) пласирајќи се во финалето на Лигата на шампионите каде ќе се сретне против Ливерпул. Неверојатната ноќ на „Сантијаго Бернабеу“ ја продуцираше Родриго со два брзи гола во 90.минута и во 92.минута, а потоа Карим Бензема од пенал го зададе решавачкиот удар за „граѓаните“.
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти беше исклучително среќен и вели дека можеби и славната историја на клубот е фактор на ваквите важни европски натпревари.
„Тоа што се случи вечерва се случи и против Челси и Пари Сен Жермен. Ако ме прашувате зошто, можеби причината е историјата на нашиот клуб, која ни помага да продолжиме со борба, дури и кога битката се чини дека е изгубена. Натпреварот беше при крај, но успеавме да ја искористиме последната капка енергија што ни остана. Родриго не врати во игра, а потоа го имавме психолошкиот момент. Одигравме добар натпревар против силен противник. Среќни сме што се пласиравме во финалето во Париз, каде ќе се сретнеме со уште еден сериозен противник. Но, навикнати сме на тоа”, изјави Карло Анчелоти, кој стигна до нов рекорд и ќе биде дел од петто финале во Лигата на шампионите.