Top Sport

Анчелоти: Јуве во моментов е „преголем залак“ за Наполи

Иако Наполи останува еден од најсериозните ривали на Јувентус за титулата во Серија А, нивниот тренер Карло Анчелоти вели дека претекнувањето на „бјанконерите“ засега е претешка задача за клубот од Неапол.

Наполи заврши во топ 3 под Маурицио Сари во последните три години, а сега под поранешниот тренер на Реал Мадрид и Челси ја задржуваат втората позиција, но имаат осум поени заостанување по 17 меча. Анчелоти вели дека ќе треба да направат нешто посебно за да ги спречат Јуве, кои имаат седум титули во низа.

„Мораме да се мотивираме со тоа што се споредуваме самите со себеси, а не со другите. Ако сакате да станете како Лео Меси, тогаш вашиот пат е одреден од генетиката. Но, тоа не значи дека не можете да бидете подобри секој нареден ден. Истото е и со клубовите. Ако сакаме да се обврземе да го победиме Јувентус, за нас тоа е преголема цел. Јас сум тука да победувам и целта е да имаме тим кој ќе се бори цела сезона“, вели Анчелоти во интервју за „Кориере дела сера“.

Анчелоти ги потврди шпекулациите дека бил блиску до клупата на Милан минатата сезона по заминувањето од Баерн Минхен, но дека „росонерите“ се решиле за Џенаро Гатузо.

„Двапати бев блиску до ’Сан Сиро’. Кога си заминав од Реал Мадрид, кај мене дојде Адријано Галијани, но имав проблеми со грбот и не бев подготвен за работа. Потоа, Марко Фасоне пријде кога си заминав од Баерн“, вели Анчелоти.

Фото: ЕПА

Scroll to Top