Top Sport

Анчелоти наредното лето ќе го преземе Бразил

Она за што се шпекулираше со месеци доби официјална потврда. Карло Анчелоти на 65 години ќе се впушти во најголемата авантура во неверојатно богатата и трофејна кариера. Во јуни следната година тој ќе стане селектор на Бразил. Ова го потврди Едналдо, претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бразил.

„Најавувам дека Карло Анчелоти ќе биде новиот селектор на Бразил. Тој ќе го има својот прв настап на Копа Америка 2024 година“, изјави првиот човек на бразилскиот фудбал.

Анчелоти на тој начин ќе има промоција на најпосакуваната репрезентативна клупа на јужноамериканското првенство кое од 20 јуни следната година ќе се игра во САД. Токму тогаш завршува договорот на Анчелоти со Реал, кој очигледно нема да го продолжи.

Бразил не успеа да направи значаен резултат на СП во декември. Бразилците испаднаа во осмина-финлето од Хрватска. Селекторот Тите по тој натпревар си поднесе оставка. Привремено Бразил го водеше Рамон Менезес, а до доаѓањето на Анчелоти репрезентацијата ќе ја предводи Фернандо Диниз.

Анчелоти ќе биде четвртиот странец кој ја води нивната репрезентација и прв по Аргентинецот Филипе Нуњез во 1965 година. Но тој го водеше Бразил на само еден натпревар, додека неговите претходници, Уругваецот Платеро и Португалецот Жорека, на клупата на Бразил беа вкупно само осум натпревари. Затоа Анчелоти е првиот „вистински“ и славен странец кој ќе биде селектор на Бразил.

Scroll to Top