Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти се согласува со поранешниот играч на „кралевите“, Рафаел Варан, кој изјави дека притисокот на „Бернабеу“ секогаш е на највисоко можно ниво и дека нема честитки за освојување на Лигата на шампионите.
„По освојување на ЛШ, навивачите на Реал не ти честитаат, туку ти велат: ‘Океј, сега одиме на друга’. Тоа беш по првата титула а потоа освоивме уште четири, но секогаш го добиваш истиот одговор. Немаше прослава на успесите. Затоа Реал Мадрид е посебен, поради тој менталитет. Затоа сакав промена, не дека тоа е лошо, туку дека сакав нешто поинаку“, изјави Варан неодама во интервју за англиските медиуми.
Анчелоти, кој во кариерата бил тренер на двата најтрофејни клубови во ЛШ (Реал со 13 и Милан со 7), вели дека токму поради таквиот менталитет се доаѓа до успех.
„Побарувањата се историјата на клубот, клубот кој има освоено најмногу во Европа. Тоа е направено токму поради тие побарувања. Ако сте тука, треба да сте свесни за тоа. Не смеете само да бидете среќни, туку секогаш да одите напред. Да, ја освоивме ‘десима’, но знаевме дека тоа е само една станица на патот“, вели Анчелоти.