И покрај тоа што одеднаш стана достапен, Карло Анчелоти не е на листата на Арсенал за менаџерската позиција, која остана испразнета по отказот кој го доби Унаи Емери, тврди „ЕСПН“.
Италијанскиот ветеран беше отпуштен од Наполи и покрај тоа што ги однесе до нокаут фазата во Лигата на шампионите по катастрофалната форма во домашното првенство и беше заменет со неговиот поранешен играч, Џенаро Гатузо.
60-годишниот Анчелоти не ги исполнувал „условите“ кои ги бараат „топчиите“ за менаџерската позиција, а тука се и неговите „сомнителни“ резултати во последно време. Анчелоти беше отпуштен од Баерн Минхен во 2017, а сега од Наполи по само сезона и пол. Покрај тоа, „ЕСПН“ тврид дека на Арсенал не им се брза за поставување на нов тренер и подготвени се да му дадат време на привремениот тренер Фреди Љунгберг да се покаже.
Анчелоти стана „име“ кај тренерите откако во 1997 година ја предводеше Парма до второто место во Серија А, по што работеше накратко во Јувентус, па помина осум сезони во Милан, освојувајќи две титули од ЛШ. Во Челси тој освои титула од Премиер лигата и од ФА купот пред да замине за ПСЖ со кои ја освои Лига 1, за со Реал Мадрид во 2014 година да стигне до нова титула од Лигата на шампионите пред ангажманите во Баерн и Наполи.