Менаџерот на Евертон, Карло Анчелоти вели дека претседателот на Наполи, Аурелио ди Лаурентис бил во право што го отпуштил минатата година, бидејќи сега и на италијанскиот клуб му оди подобри и самиот Анчелоти е во подобра ситуација.
Анчелоти доби отказ во декември и беше заменет со Џенаро Гатузо, кој имаше лош старт, но сега има шест победи во низа. 60-годишниот Анчелоти бргу се врати на тренерското место, прифаќајќи ја амбициозната понуда на „Гудисон парк“.
„Одлуката беше донесена заеднички и беше вистинската. Сега, јас сум подобар, а и Наполи се подобри. За мене, Наполи беше прекрасно искуство, се сретнав со фудбалери и луѓе кои беа прекрасни. Градот останува таму и ме чека секој годишен одмор“, вели Анчелоти за „Радио Уно“.
Тој признава дека е задоволен од стартот со Евертон, откако во првите девет меча обезбеди пет победи и клубот е на само четири поени од петтото место, кое води во ЛШ по суспензијата на Манчестер сити.
„Работите одат навистина добро. Не ми беше потребно да се одморам, бидејќи и во Неапол се чувствував добро. Во фудбалот те оценуваат според резултатите, и тие не беа на вистинско ниво“, објаснува Анчелоти.