Македонската фудбалска репрезентација доколку го совлада Косово во полуфиналето од Лига на Нации, натпреварот за пласман на ЕУРО 2020 ќе го игра на гости во Грузија или Белорусија, односно домаќин ќе биде подобриот од дуелот Грузија – Белорусија беше одлучено по денешната ждрепка во Нион.
Македонија за да се пласира во финалето ќе мора да победи против Косово на домашен терен на 26. март 2020 година. Евентуалното финале, македонската репрезентација ќе го одигра на 31. март 2020 година во Тбилиси или во Минск.
Селекторот на националниот тим Игор Ангеловски, во изјава за интернет страницата на Фудбалската федерација на Македонија, потенцирал дека за неговите избраници најважен ќе биде натпреварот со Косово, а потоа мотиви за евентуално финале нема да недостасуваат.
„Ждрепката не беше на наша страна, финалето ќе се игра во Грузија или Белорусија, но за да се пласираме таму мора да мислиме на првиот натпревар. За нас најважен е тој натпревар со Косово каде што треба да бидеме максимално подготвени. А, што се однесува до финалето, мислам дека е помалку важно каде се игра бидејќи мотивите се огромни. Или, ако немавме среќа на извлекувањето, очекувам да имаме среќа на самите натпревари“, изјавил Ангеловски.
извор/ffm.mk