Top Sport

Ангеловски: Нашиот сон е пласман на ЕУРО 2020

Македонската фудбалска репрезентација квалификациите за ЕУРО 2020 ќе ги отвори против Летонија во Скопје. Првиот тренинг, кој ќе се одржи вечерва во 18.45 часот, ќе го пропушти само голманот на Рајо Валјекано, Столе Димитиревски.

Селекторот Игор Ангеловски, на првиот собир во хотелот „Гранд Плаза“, информираше дека поради повреди од спискот отпаднале стандардните Иван Тричковски и Стефан Спировски.

„Добро знаеме што не очекува, тоа е старт на квалификациите за ЕП 2020. Чест е да се работи со овие момци, сега целата јавност од нив бара да се пласираат на ЕП 2020. Ние одиме од натпревар во натпревар. Што се однесува до противникот, имавме доволно време да направиме детална анализа. Се работи за тим составен претежно од домашниот шампионат и ривал доста незгоден при прекините и дуел играта. Мора да внимаваме при тие работи. Не бегаме од улогата на фаворити, сакаме да победуваме против секого. Рано е да говориме за целите во овој циклус. Не би говорел за цели, Македонија има два начина да се избори за ЕП 2020, што е цел и сон на сите. Се надевам дека ќе го оствариме“, изјави македонскиот селектор.

Натпреварот против Летонија ќе биде 100 за Горан Пандев во дресот на националниот тим.

Ферхан Хасани смета овој јубилеј на капитенот треба да биде дополнителен мотив за играчите.

„Во денешниот фудбал нема слаб противник, ние игравме добро на изминатите натпревар и ќе се обидеме да продолжиме во тој ритам. На мечот со Летонија имаме дополнителен мотив за победа. Да триумфираме и за Горан Пандев кој ќе настапи по 100 пат за Македонија. Тој е пример за човек и голем спортист и чест е да бидеш во ист тим со Панде“, истакна Хасани.

Македонија, в четврток од 20.45 часот ќе ја пречека Летонија, а три дена подоцна избраниците на селекторот Англеовски ќе гостуваат во Словенија.

фото/ffm.mk

Scroll to Top