Top Sport

Ангеловски: Ова е мојата последна прес-конференција како македонски селектор

Македонскиот селектор, Игор Ангеловски иако директно не потврди, најверојатно завршува со својата работа по крајот на договорот со ФФМ на 31 јули, јасно кажувајќи дека прес-конференцијата по мечот со Холандија е неговата последна како селектор на репрезентацијата.

„Ќе можеме да дадеме генерална оценка, можам само да кажам дека беше огромно задоволство да се води Македонија на едно Европско првенство, да се претставиме на Европа заедно со нашите навивачи. Не треба да бидеме разочарани бидејќи ова беше наш дебитантски настап. Благодарност до целиот мој стручен штаб, кој работеше со мене овие пет години, на моето семејство за безрезервната поддршка која ја добив. Ова се моменти кои цел живот ќе ги паметам. Мојот договор со федерацијата завршува на 31.07, и оттогаш не сум селектор на македонската фудбалска репрезентација“, изјави Ангеловски.

Ова практично значи крај на една ера во македонската репрезентација по повлекувањето на капитенот Горан Пандев, кому му оддаде последна почест на пресот.

„Значеше за цела Македонија, бидејќи го испраќавме нашиот великан, човекот кој не заддолжи со тоа што го направи за македонскиот фудбал и ми беше чест да работам 5 и пол години со нас. Следните генерации имаат добар пример како треба да работат, да се однесуваат за да стигнат до неговите успеси“, додаде Ангеловски, кој неодамна беше поврзуван со тренерското место во Фенербахче.

Scroll to Top