Top Sport

Англичаните ќе размислат за воведување на германскиот „50+1“ систем во фудбалот

Британската влада размислува за воведување на моделот на сопственост „50+1“ кој е на сила во Германија, откако премиерот Борис Џонсон вети поголема грижа за фудбалските фанови по бесот по објавата на шесте премиерлигаши за формирање на Суперлигата, од која потоа веднаш се повлекоа.

Германската фудбалска федерација (ДФБ) не дозволува на тимовите да се натпреваруваат во нивните организации доколку приватните инвеститори имаат повеќе од 49 отсто од акциите во клубот. Со овој „50+1“ модел се осигурува фановите да го имаат мнозинството гласови во клубот и газдите немаат толку голема сила. Можеби поради ова, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд останаа на страна во проектот Суперлига.

Џонсон пак, откри дека поранешниот министер за спорт, Трејси Крауч ќе направи „детална истрага“ околу сопственичката структура и водењето на фудбалските клубови за зголемување на улогата на фановите.

Сегашниот британски министер за култура, медиуми и спорт, Оливер Дауден, потврди дека „50+1“ системот е една од опциите.

„Нормално, мораме да научиме лекции од кризата во фудбалот за време на пандемијата на КОВИД и мора да има попостојан модел. На пример, во германските лиги имаат поинаква сопственичка структура и ќе го разгледаме тој модел. Ако се потребни закони, тие ќе се донесат“, вели Дауден.

Scroll to Top