На неколку часа пред стартот на првото полуфинале на ЕУРО 2020, Италија-Шпанија, според британските медиуми нема да има полн „Вембли“, што ги натерало УЕФА да ги намали цените на билетите.
На стадионот ќе смеат да присуствуваат околу 60.000 фанови и според „Атлетик“, голем број на билети се продадени под првичната цена. УЕФА претходно постави четири ценовни рангови за билетите – Категорија 1 (595 евра), Категорија 2 (345 евра), Категорија 3 (195 евра) и Фанови на прво место (85 евра), и според „Атлетик“ во вторникот еден фан успеал да купи три билети за само 85 евра.
Во спротивност на незаинтересираноста на Англичаните за првото полуфинале, се верува дека утре за полуфиналето помеѓу Англија и Данска ќе се бара билет повеќе и ќе се стигне до астрономски суми.
Дополнителен проблем за УЕФА е што Британците поставија невозможни услови за гостински навивачи – на стадионот ќе може да бидат само тие кои живеат во Велика Британија, кои се целосно вакцинирани или кои ќе достават негативен тест не постар од 48 часа. Поради ова, на стадионот ќе има само Шпанци и Италијанци кои живеат во Британија.