Top Sport

Англија владее со ЛШ – Челси го „урна“ Реал, против Сити за големиот трофеј

Челси по третпат во својата историја влезе во финалето на Лигата на шампионите, откако неверојатниот „џокер“ Тимо Вернер беше доволен за 2:0 победа над Реал Мадрид и закажување на англиска пресметка против Манчестер сити во Истанбул на 29 мај во битка за најголемиот европски трофеј.

За „сините“ од Лондон, ова е прво финале од 2012 година, кога ги победија Баерн Минхен на пенали по 1:1 ремито, и трето вкупно, откако во 2008 година загубија од Манчестер јунајтед во епско финале, кое исто така заврши на пенали. Исто така, ова е неверојатно остварување за новиот германски тренер на клубот, Томас Тухел, кој беше донесен како замена за Френк Лампард со намера да се спаси сезоната по лошата низа, а наместо тоа речиси сигурно обезбеди топ 4 пласман во Премиер лигата, како и огромно финале.

По 1:1 ремито во Мадрид, Челси ја имаше предноста решавачкиот меч да биде на домашен терен, и тоа против Реал Мадрид предводен од Зинедин Зидан, еден од најуспешните тренери во историјата на натпреварувањата. Со нивниот поранешен фудбалер, Еден Азар како стартер, Челси во првото полувреме мораше да се соочи со расположениот Карим Бензема, кој имаше две шанси кои ги одбрани Едуар Менди, а од друга страна, Тимо Вернер, кој беше толку критикуван во последните неколку месеци по големите утки, прво даде гол во 18. минута кој му беше поништен, за потоа во 38. минута по одличната акција на Каи Хаверц кој ја погоди пречката, да не утне од минимална далечина за 1:0.

„Кралевите“ се обидоа да ја поништат негативата, и им беше потребен само еден гол да примораат продолжувања, но наместо тоа во 85. минута, Мејсон Маунт стави точка на натпреварот за огромна победа.

За „кралевите“, сега останува трката во домашниот шампионат, каде што заостануваат зад лидерот Атлетико Мадрид, а во игра се и Барселона.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ПОЛУФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Челси – Реал Мадрид 2:0, прв меч 1:1, вкупно 3:1

Манчестер сити – Пари Сен-Жермен 2:0, прв меч 2:1, вкупно 4:1

Scroll to Top