Top Sport

„Апсурдни се изјавите на Андреа Ањели“

Претседателот на Јувентус Андреа Ањели заговара формирање на Суперлига во која би играле најсилните и најбогатите европски клубови. Со една своја изјава говорејќи на оваа тема тој „крена прашина“ во Италија. Според него во една таква лига не би требало да има место за Аталана, екипа која има реални шанси да се пласира во четврт-финалето во Лигата на шампионите.

„Исклучиво многу го ценам тоа што Аталанта го прави, но без историја на европската сцена, благодарејќи само на една добра сезона, имаа директен пат кон европското натпреварување. Исправно е тоа или не? Тогаш помислувам на Рома која минатите години даде голем допринос во рејтингот на италијанскиот фудбал. Имаа само една лоша сезона и испаднаа од елитата“, рекол Ањели и дополнил

„Мораме да ги заштитиме нашите инвестиции и трошоците. Има тимови кои ќе ја освојат лигата или купот и автоматски се квалификуваат во европско натпреварување, само на основа на националниот коефициент. Да направиме некој баланс за она што клубот го допринесува на европскиот фудбал и неговите резултати во само една сезона“.

Од Аталанта засега нема одговор, но градоначалникот Гори застана во одбрана на клубот и му реплицираше на Ањели.

„Го почитувам Андреа Ањели, но не се согласувам со тоа. За разлика од елитата на богатите и славни, повеќе ги сакам резултатите остварени на теренот и тие кои ’само’ го претставуваат провинцискиот град, заслужиле место во Европа со пот и имагинација. Тоа е СПОРТ“, вели Гори.

На страната на Аталанта застанал и челникот на градскиот ривал на Јувентус, претседателот на Торино Урбано Каиро.

„Апсурдно…Спортот е за сите нас, не е само за големите и богатите. Распределбата на парите не е иста за сите, а доколку тие добијат своја лига тогаш разликата помеѓу богатите и останатите ќе стане уште поголема. Тоа сериозно ќе ѝ наштети на конкурентноста на домашните првенства. Ќе се намали интересот за националните шампионати. Доколку некој голем клуб вложи и не постигне задоволителни резултати, тоа значи дека некаде е направена грешка. Не смееме да ги казнуваме оние клубови што прават добри потези. Со формирањето на една таква Суперлига би биле елиминирани помалите клубови“, рекол Каиро.

Scroll to Top