Top Sport

Архитектот на титулата на Наполи оди кај омразениот ривал

Спортскиот директор Кристијано Џунтоли (51) е еден од најзаслужните за шампионската титула на Наполи оваа сезона, прва по 1990 година и ерата на Диего Армандо Марадона. Џунтоли важи за фудбалска енциклопедија во Италија бидејќи ги знае карактеристиките на неверојатен број играчи, а благодарение на неговите квалитети Наполи донесе неколку фантастични играчи како Квича Кварацхелија, Виктор Осимхен и Ким.

Сепак, Џунтоли по девет години ќе го напушти Наполи на крајот на сезоната. Тој веќе му ја соопштил својата одлука на шефот Аурелио Де Лаурентис, објаснувајќи дека му треба нов предизвик.

Новиот предизвик во кариерата на Џунтоли ќе биде Јувентус, најомразениот клуб во јужниот дел на Италија. Италијанските медиуми се сигурни дека Џунтоли многу брзо ќе ја преземе функцијата спортски директор на торинскиот клуб.

Според првите информации од Италија, Џунтоли не е воодушевен од актуелниот тренер Масимилијано Алегри кој заработува околу седум милиони евра годишно. Од друга страна, Алегри исто така не е ентузијаст за новиот спортски директор бидејќи со тоа би се намалил неговиот авторитет околу распоредот на играчкиот кадар бидејќи Јувентус во моментов нема спортски директор.

Јувентус моментално е втор во Серија А и се бори за освојување на Лигата на Европа каде во полуфиналето ќе се соочи со Севиља.

Scroll to Top