Македонија и Австрија, утре ќе го одиграат првиот натпревар во Ц-групата на Европското првенство. Дуелот на двете селекции, во Букурешт, ќе започне во 18 часот. Три часа подоцна, вториот меч во групата ќе го одиграат Холандија и Украина.
Македонија, ќе дебитира на големите натпреварувања, против репрезентацијата од која има претрпено два порази. На хартија Австријците се фаворити, меѓутоа најголемата ѕвезда во тимот, Марко Арнаутовиќ повикува на претпазливост.
„Македонија има добри фудбалери, меѓу нив е и мојот добар пријател Горан Пандев. Многумина го отпишуваа поради неговите години, но знаете и самите што може да направи и колку е добар“, рекол Арнаутовиќ.
Австриецот со српско потекло и македонската легенда, беа соиграчи во Интер во сезоната 2009/2010.