Top Sport

Артета за искуството со корона вирусот: Среќа што моите деца не се заразија

Тренерот на Арсенал, Микел Артета вели дека „целосно“ е опоравен од корона вирусот давајќи личен осврт на неговото искуство со болеста која го „затвори“ фудбалот и целиот свет.

Шефот на „топчиите“ беше потврден како позитивен на 13 март, по што целиот тим беше пратен во изолација, а мечот со Манчестер сити беше одложен. Оттогаш повеќе од половина милион луѓе на целата планета ја добија болеста, а има над 23 илјади починати. Артета вели дека не се плашел за личното здравје, но бил исплашен за неговото семејство.

„Сега се чувствувам целосно опоравен. Почнав да имам симптоми откако ми се јавија од клубот да ни кажат дека можеби сме заразени поради контактот со претседателот на Олимпијакос, и одеднаш знаев дека го имам вирусот. Веднаш се јавив на докторот и зборував со главните луѓе во клубот за да ги направиме тестовите, бидејќи сите можеа да бидат заразени. Веднаш мислиш за луѓето со кои си контактирал и тогаш те фаќа страв. Околу симптомите, за мене ова беше како обичен вирус. Три или четири дена беше потешко, со малку температура и сува кашлица, и нелагодност во градите, но тоа беше сѐ. Тешко ми беше за моите три деца и бев многу загрижен. Мојата сопруга исто така го фати вирусот, како и нашата дадилка, но за среќа не и децата. Сега, сме добро“, изјави Артета за клупскиот веб-сајт.

Scroll to Top