Top Sport

Ројстон Дренте заврши со фудбалот и рапот, сега ќе се „проба“ како ТВ-актер

Ројстон Дренте беше сметан за еден од најталентираните фудбалери во историјата на Холандија, земја од каде што дојдоа многу таленти, што се потврди со неговиот трансфер во Реал Мадрид, но откако не успеа да направи кариера како фудбалер, а подоцна и како рапер, сега се обидува да се пробие во ТВ-продукцијата како актер во популарната холандска серија „Мокро мафија“.

Дренте беше фудбалер на младинската школа на Феенорд, добивајќи прекар „новиот Едгар Давидс“, пред во 2007 година да замине во Реал Мадрид, клуб за кој одигра 65 меча, но постигна само 4 гола и не ги исполни големите очекувања. „Кралевите“ го позајмија на Херкулес, а потоа и на Евертон, каде што одигра 21 меч, по што кариерата ја продолжи во англиската втора лига во Рединг и Шефилд венсдеј. Тој се пензионираше на 29 години, по што имаше кратка кариера како рапер под името „Roya2faces“.

Сега, тој се пофали со главна улога во втората сезона на холандската серија „Мокро мафија“, во која главната тема е мароканската мафија и пресметките во Холандија.

„По долга пауза, конечно објавувам дека ќе сум во серијата ’Мокро мафија’. Таму ќе ја видите другата страна на Ројстон“, напиша Дренте на Инстаграм.

Scroll to Top