Top Sport

Аталанта ќе се бори за италијанскиот куп по пресвртот против Фиорентина (видео)

Аталанта одличната сезона ќе ја круниса со борба со Лацио за трофејот од Копа Италија, откако и покрај раното водство на Фиорентина, во Бергамо стигна до импресивна 2:1 победа.

Фиорентина, под водство на новиот тренер Винченцо Монтела, дојде во водство уште во третата минута, кога Луис Муриел по една неуспешна офсајд-стапица излезе сам пред голманот Голини и немаше проблем да го совлада.

Аталанта успеа да израмни во 14. минута од белата точка, кога Јосип Иличиќ беше прецизен, а словенечкиот репрезентативец во 69. минута му асистираше на капитенот Папу Гомез за голема победа.

Популарните „Оробичи“ ќе одат на втора титула во Копа Италија откако претходно го елиминираа носителот на титулата Јувентус. Аталанта го освои единствениот трофеј во својата историја во далечната 1963 година, а овојпат за противник ќе го имаат Лацио, кој вчера со 1:0 триумфираше против Милан на „Сан Сиро“.

Scroll to Top