Top Sport

Атлетико и Барса поставија рекорд за посетеност на женски клупски фудбал

Женскиот тим на Атлетико Мадрид обично игра пред 3.500 луѓе секоја надела, но дербито против Барселона на „Ванда метрополитано“ постави нов рекорд за посетеност на еден натпревар од клупски женски фудбал, откако во неделата дури 60.739 фанови го гледаа 2:0 триумфот на гостите.

Атлетико обично играат на „Естадио Серо дел Еспино“, стадион со 3.376 седишта кој го делат со второлигашот Рајо Мајадахонда, но пред дербито против Барселона клубот им го даде „големиот“ стадион.

Пред мечот, Атлетико имаше шест поени предност пред Барса на врвот на женската Примера, но Каталонките со головите на Асисат Ошоала и Тони Дуган се одмаздија за поразот во Копа де ла реина во февруари. Дел од мечот беше и најдобрата македонска фудбалерка, Наташа Андонова.

Претходниот рекорд за женски клупски натпревар беше 48.121, дуел од Копа де ла реина во кој Атлетик Билбао ги пречека Атлетико Мадрид во јануари, кога гостите победија со 0:2. Апсолутниот рекорд во женскиот фудбал е финалето на СП во 1999 година, кога на „Роуз боул“ во Калифорнија имаше 90.185 фанови, а САД на пенали ја победија Кина за титулата.

Scroll to Top