Елитниот европски фудбал се враќа по паузата од два месеци. Европските шампиони Ливерпул се враќаат на местото каде што лани ја освоија титулата, на „Ванда Метрополитано“ во Мадрид.
Атлетико и Ливерпул во различно расположение влегуваат во првиот осмина-финален меч. Ливерпул е доминанта сила, без конкуренција се во Премиер лигата и веројатно во моментов се најдобриот тим во светот.
Од друга страна Атлетико игра по системот топло-ладно, имаат една победа на последните три натпревари во Ла Лига, каде се 13 бода зад лидерот Реал, а во Купот испаднаа од екипа од третата лига.
„Ќе биде тежок меч, но сите дуели во Лигата на шампионите се такви. Доколку го спроведеме во дело она што од нас ќе го побара тренерот тогаш можеме да поминеме. Најважно е да играме со срце. Навивачите ќе бидат со нас, тие ќе го извлечат најдоброто од нас“, изјави повратникот во Атлетико Јаник Караско.
„Ако некој тим знае да одигра на резултат тогаш тоа е Атлетико. Многу го почитувам Симеоне, се обидува на сите начини да дојде до позитивен резултат. Ние двајца имаме слични приказни. Многу се трудевме и не победувавме, но и понатаму се трудевме. Имаме добар однос, но сигурен сум дека тоа ќе го заборавиме додека трае мечот“, реол тренерот на Ливерпул Јирген Клоп.
Ианку во тимот на Атлетико се враќаат Алваро Мората и Диего Коста. Бразилецот нема настап од ноември, бидејќи имаше операција на дискус-хернијата. Дуелот со Ливерпул ќе го пропуштат најскапиот играч во историјата на Атлетико, Жоао Феликс и десниот бек Керан Трипие.
Кај Ливерпул се отсутни Натаниел Клајн и Џердан Шачири. Останатите се во стројот, минатитот викенд играа Мане и Фабињо.
Статистиката вели дека Атлетико има само еден пораз на домашен терен на последните 25 натпревари во европските купови, а во нокаут-фазата немаат пораз на последните 13 мечеви. На два натпревари Ливерпул ги добивал своите последни 11 противници.