Top Sport

Атлетико на „Олд Трафорд“, Ајакс ја чека Бенфика

Останаа уште четири билети за четврт-финалната фаза во Лигата на шампионите. Вечерва за место меѓу најдобрите осум во Европа ќе се борат Манчестер јунајтед и Атлетико Мадрид, односно Ајакс и Бенфика.

Манчестер јунајтед и Атлетико, реваншот на „Олд Трафорд“ ќе го започнат со резултат 1:1.

Пред две недели, Јунајтед од пораз ги спаси Еланга. Играчите на Атлетико два пати ја погодија гредата, но не успеаја да победат.

„Направивме се што требаше во првиот меч но не успеавме да победиме. Се што правевме на теренот беше добро. Многумина мислат дека Јунајтед се во предност, но тоа не е случај бидејќи повеќе не важи правилото гол во гости“, рекол тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.

Аргентинецот во Манчестер допатува без повредените Шиме Врсаљко, Тома Лемар и Даниел Вас и суспендираниот Јаник Караско.

Традицијата е на страната на Атлетико, од шест пресметки во нокаут фазата со англиските тимови, „јорганџиите“ пет пати излегле како победници. Минатата сезона во осмина-финалето беа елиминирани од Челси.

Манчестер јунајтед, по поразот во градското дерби од Сити, успеа да слави во дуелот со Тотенхем. Кристијано Роналдо постигна хет-трик и токму тој ќе биде најголемата закана за Атлетико. „Јорганџиите“ му се омилен ривал во Лигата на шампионите.

„Мораме да играме агресивно, со многу трчање. Начинот на кој постигнавме гол во Мадрид, тоа е рецептот. Мораме така да играме против нив“, изјавил менаџерот на Јунајтед, Ралф Рангник.

Германецот на располагање ќе ги има Лук Шо и Бруно Фернандеш. Овие двајца поради коронавирусот го пропуштија дуелот со Тотенхем.

Ајкас и Бенфика, пред две недели, одиграа фантастичен меч. Бенфика два пати ја стигна предноста на Ајкас. Во Амстердам дуелот ќе започне со 2:2.

„Имам чудни чувства во врска со тој натпревар. Изборивме добар резултат, но од друга страна ја испуштивме победата. Имаве неколку добри шанси што не ги искористивме“, изјави Ерик Тен Хас, тренерот на Ајакс.

Проблем за Ајакс може да биде лошата форма на одбраната, на последните два натпревари во Холандија прмија четири гола, откако претходно одбраната на 23 натпревари им капитулираше само пет пати.

Дуелите во Манчестер и Амстердам ќе започнат во 21 часот.

Пласман во четврт-финалето досега изборија Манчестер сити, Реал Мадрид, Ливерпул и Баерн Минхен.

Scroll to Top