Атлетико Мадрид стигна до третата победа во низа и се искачи на третото место на табелата во Ла лига, откако на гостувањето кај Енис Барди и Леванте „извлече“ тесна 1:0 победа.
Клучниот момент се случи во 15. минута, кога по еден слободен удар на „јорганџиите“, дефанзивецот Бруно Гонзалез ја смести топката во сопствената мрежа. Барди беше во игра до 82. минута, но неговиот тим не успеа да стигне до израмнувачки гол. Леванте се 11. место на табелата по првиот пораз по рестартот на Ла лига.
Хетафе пак, полека го губи здивот во трката за место кое води во ЛШ, откако и во четвртиот меч по рестартот не успеа да победи, одигрувајќи 1:1 на гости кај Валјадолид. Хетафе останува петти со 49 поени, четири зад Севилја на четвртото место и шест зад Атлетико на третото место.