Атлетико Мадрид има најмногу свои фудбалери во финалниот меч на Светското првенство во Катар. За титулата на 22. Мундијал, во недела од 16 часот ќе се борат Аргентина и Франција.
Членови на шпанскиот клуб се аргентинските репрезентативци Анхел Кореа, Родриго Де Пол и Нахуел Молина и еден од најдобрите играчи во досегашниот тек на турнирот францускиот ас, Антоан Гризман.
По тројца играчи во финалето имаат: Баерн Минхен кој го претставуваат Французите Дајот Упамекано, Бенџамин Павард и повредениот Лукас Ернандез, Јувентус (Анхел Ди Марија, Леандро Паредес, Адриен Рабио) и Севиља (Маркос Акуња, Гонзало Монтиел, Папу Гомез).
Неколку клубови ќе имаат по два претставници, меѓу нив е францускиот шампион ПСЖ, чии претставници се суперѕвездите Лео Меси и Килијан Мбапе, кои со по пет гола водат во трката за Златната копачка.