Фудбалската репрезентација на Белгија е пред својот најважен натпревар на „златната генерација“, полуфиналето на СП против Франција, така што не е изненадување што француските медиуми ја „ископаа“ фотографијата на Еден Азар и неговите браќа во француски дрес.
На сликата се Еден, Торган и Килијан Азар, сите тројца со француски дресови какви што „триколорите“ носеа на Мундијалот во 1998 година година кога го освоија шампионатот. Тројцата браќа се израснати во Валонија, каде што се зборува француски јазик, додека кога имаше 14 години, семејството се пресели во Лил, Франција.
„Да, вистина е, со моите браќа секогаш бевме повеќе навивачи на Франција отколку Белгија, бидејќи пораснавме со генерацијата во 1998 година. Не сакам да го потценувам белгискиот тим од тој период, но тогаш главни ѕвезди беа Французите“, вели Азар.
Кога беше поврзуван со трансфер во Реал Мадрид, Азар признаваше дека најмногу би го привлекла таа понуда поради шансата да се работи со Зинедин Зидан, ѕвездата на таа генерација. Сега, Зидан повеќе не тренер на „Лос бланкос“.
Ѕвездата на Челси сега ќе се обиде да ја совлада оваа „нова“ Франција во утрешното полуфинале, но признава дека и сега му се допаѓа тинејџерската сензација, Килијан Мбапе.
„Имам голема почит за тоа што го прави. Ако тој како дете гледал видеа од мене кога бев помлад, денеска јас гледам негови видеа. Тоа што тој го прави е неверојатно, посебно бидејќи уште е тинејџер. Во модерниот фудбал не сме виделе таков играч“, објаснува Азар.