Американската компанија за пиво „Бадвајзер“, еден од официјалните спонзори на Светското првенство, бара отштета од ФИФА по забраната на Катар да се служи алкохол на сите стадиони.
„Бадвајзер“ требаше да обезбедува пијалоци на стадионите и фан зоните во Катар, но челниците на ФИФА потклекнаа на притисокот на катарските власти и потврдија дека нема да се продава алкохол на ниту еден стадион, што би можело да ја чини пивската компанија и до 40 милиони фунти.
Компанијата сега бара отштета по шокантниот пресврт што се случи пред почетокот на турнирот. Претходно беше ветено дека пивото и другите пијалоци ќе бидат достапни на сите осум места на Светското првенство. Пред почетокот на турнирот се шпекулираше дека Катар ќе им дозволи на навивачите со влезници да купат пиво на натпреварите, но три часа пред почетокот и еден час по крајот, но не и за време на натпреварот.
„Бадвајзер“ требаше да се служи во навивачките зони околу секој стадион, но не и на трибините на стадионот или на теренот. Ова е лоша вест за спонзорот кој моментално има договор вреден околу 65 милиони фунти со ФИФА за ова Светско првенство како и за она што ќе се игра во Мексико, Канада и САД во 2026 година. Компанијата планира да ја наплати загубата.