Баерн Минхен ги прекинале сите контакти со Барселона околу евентуалниот трансфер на Роберт Левандовски на „Камп Ноу“.
Германските медиуми пренесуваат дека челниците на каталонскиот клуб со денови не можат да стапат во контакт со колегите од Баерн. Во Барселона се незадоволни од односот на Баварците, кои не сакале да одговорат на повиците на спортскиот директор на шпанскиот гигант Матео Алемани.
Дополнително, како што е соопштено, односите меѓу Баерн и менаџерот Пини Захави, кој ги застапува интересите на фудбалерот се нарушени и се далеку од пријателски.
Барселона наводно дури ја испратила понудата до Минхен со „Бурофакс“, тип на препорачана пошта доставена преку шпанската пошта.
Левандовски неколку пати по крајот на минатата сезона изјави дека повеќе не сака да игра за Баварците и дека сака да го напушти клубот една година пред истекот на неговиот договор. Баерн не попушта и е решен да го задржи во клубот. Во Минхен одбиле најмалку две понуди од Барселона.
Минатата сезона Полјакот одигра 46 натпревари во сите натпреварувања и постигна 50 гола со седум асистенции.
Баерн неодамна го ангажираше Садио Мане од Ливерпул, но не сака да се откаже ниту од Левандовски, кој во Минхен дојде од Борусија Дортмунд во 2014 година.