Баерн Минхен со 4:0 го декласираше Волфсбург во првиот меч од 17. коло во Бундеслигата, за да се одвојат на 9 поени пред Борусија Дортмунд на врвот на Бундеслига, продолжувајќи го маршот кон нова лигашка титула.
Томас Милер уште во седмата минута го отвори резултатот, постигнувајќи го својот 137. гол за Баварците во јубилејниот 400. настап за клубот. Сите надежи за интересен дуел беа уништени за две минути во второто полувреме – Милер во 57. минута му асистираше на Дајот Упамекано за 2:0, за во 59. минута, Лирој Сане да зголеми на 3:0. Точка на мечот стави Роберт Левандовски во 88. минута од мечот.
Баерн сега има 43 поени на врвот на табелата, девет поени пред Борусија, која утре игра со Херта Берлин, додека за Волфсбург ова е петти пораз во низа по што се на 12. место на табелата со 20 поени.