Нико Ковач ќе биде новиот тренер на Баерн Минхен по заминувањето на Јуп Хајнкес ова лето, објавија германските шампиони потврдувајќи ги шпекулациите.
Актуелниот шеф на Ајнтрахт Франкфурт ќе ја преземе работата на „Алијанц арената“ на 1 јули и има тригодишен договор со гигантот, кој веста ја соопшти откако Баерн беше извлечен со Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите.
„Пресреќни сме што ги обезбедивме услугите на Нико Ковач како нов тренер на Баерн Минхен. Нико играше за нашиот клуб, ги познава луѓето, структурата на клубот и ДНК-та на навивачите. Сигурни сме дека тој е вистинскиот тренер за иднината на Баерн“, вели спортскиот директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ.
Покрај 46-годишниот Ковач, кој претходно беше селектор на Хрватска, како помошник дојде и неговиот помлад брат Роберт. Нико Ковач одигра 34 меча за Баерн од 2001 до 2003 година.
Фото: ЕПА
BREAKING: Niko Kovač will take over as #FCBayern head coach from 1st July 2018. “We agreed a 3-year contract yesterday,” says sporting director @Brazzo. #MiaSanMia pic.twitter.com/lJKsCOgUiy
— FC Bayern English (@FCBayernEN) April 13, 2018