Top Sport

Баерн се спаси од срамен снежен пораз од Арминија

Европскиот и светски шампион, Баерн Минхен, добро се испоти, но на крајот успеа да спречи срамен пораз од Арминија Билефелд, одигрувајќи 3:3 на „Алијанц арената“ во првиот бундеслигашки меч по освојувањето на титулата од Светското клупско првенство.

Арминија, клуб кој има неверојатна низа од 9 порази на гости кај Баерн (втора најдолга серија во Бундеслигата), имаше фантастично прво полувреме, во кое ги искористи грешките на одбраната на шампионот и водеше со 0:2 на полувреме со головите на Михел Флап (9.) и Амос Пипер (37.).

На почетокот на второто полувреме, Роберт Левандовски со прекрасен гол намали на 1:2 во 48. минута за да најави враќање на Баварците, но веќе во следната минута Пипер го врати водството од два гола на Арминија. Сепак, сензационален пораз, само шести во тренерската кариера на Ханси Флик, спречија Корентин Толисо во 57. минута и Алфонсо Дејвис во 70. минута.

Баерн останува убедливо прв во Бундеслигата, сега со пет поени пред РБ Лајпциг, додека Арминија е на 16. место со 18 поени.

Scroll to Top