Top Sport

Баерн во Копенхаген може да собори неверојатен рекорд

Фудбалерите на Баерн вечерва му гостуваат на Копенхаген во Лигата на шампионите. Во престолнината на Данска тие ќе се обидат да постават нов рекорд. Доколку не загубат ќе станат тимот со најдолга серија без пораз во групната фаза од елитното натпреварување и со тоа ќе го соборат сопствениот рекорд.

Баварците немаат пораз во изминатите 35 натпревари од групната фаза, победија на 32, а тимот моментално е во серија од 14 победи.

Баерн исто така е непоразен во последните 17 натпревари на гости во групната фаза и доколку тимот на Тухел се врати од Копенхаген непоразен, тоа исто така ќе биде нов рекорд, кој моментално го држи Барселона.

Каталонците беа непоразени на исто толку натпревари на гости во периодот од ноември 2006 до октомври 2012 година.

Можеби најинтересниот податок поврзан со натпреварот меѓу Копенхаген и Баерн е дека Томас Милер одигра повеќе натпревари во Лигата на шампионите од целиот тим на данскиот шампион.

Досега, Милер има собрано 143 натпревари во елитното натпреварување, еден повеќе од комплетниот тим на Копенхаген.

Баварците го совладаа Манчестер Јунајтед со 4:3 во првиот натпревар од новата сезона во Лигата на шампионите.

Scroll to Top