Селекторот на Бугарија Красимир Балаков им се извинил на англиските репрезентативци за расистичкиот инцидент што го приредија бугарските навивачи во понеделникот, во Софија. Во текот на квалификацискиот натпревар помеѓу двете репрезентации бугарските навивачи ги навредувале црномурните англиски репрезентативци со нацистички поздрави и мајмунски крици.
Англија во понеделникот и го нанесе најтешкиот пораз на Бугарија во квалификациските мечеви, но натпреварот мина в сенка на расистичките инциденти поради кои во првото полувреме натпреварот два пати бил прекинуван.
Ден по натпреварот под притисок на јавноста и барање на премиерот Бојко Борисов, оставка поднесе претседателот на Фудбалскиот сојуз на Бугарија, Борислав Михајлов.
Во исто време бугарската полиција соопшти дека во врска со инцидентот биле уапсени четири лица.
Селекторот Балаков по мечот изјавил дека не слушнал ништо, доцна синоќа ја сменил приказната и преку електронска пошта се извинил за однесувањето на навивачите.
„Го осудувам и го отфрлам расизмот како однесување што им се спротивставува на модерните односи меѓу луѓето. Тоа се предрасуди што доаѓаат од минатото и мораат засекогаш да бидат избришани“, напишал Балаков.
Бугарите поради инцидентите се соочуваат со жестока казна откако УЕФА објави дека отвориле дисциплинска постапка.