По крајот на сите клупски натпреварувања во Европа, започнуваат пријателските мечеви, како последни тестови пред Светското првенство во Русија.
Италија нема да биде на Мундијалот, но затоа пречека учесник на СП, Саудиска Арабија во првиот меч под водство на новиот селектор Роберто Манчини. На мечот во Швајцарија, свој кам-бек во репрезентацијата, одбележа Марио Балотели, кој го постигна првиот гол за „аѕурите“ во 2:1 победата.
Балотели на совршен начин го прослави кам-бекот со одличен удар од дваесетина метри во 21. минута од мечот. Андреа Белоти зголеми на 2:0 по еден корнер, пред Јехја Ал Шехри да намали на 2:1 во 72. минута од мечот откако Џиџио Донарума излезе во обид да го спречи играчот на Леганес.
Португалија пак, без Кристијано Роналдо одигра 2:2 со репрезентацијата на Тунис. Напаѓачот на Милан, Андре Силва и Марио Жоао од Вест хем донесоа 2:0 водство за актуелните европски шампиони, пред Тунис да се врати преку Бадри и Бен-Јусеф.
Турција го совлада учесникот на СП, Иран со 2:1 благодарение на двата гола на играчот на Евертон, Ченк Тосун, пред Деџагах да намали во последните минути од пенал.