Top Sport

Барди: Чест е да се биде капитен на Македонија

Енис Барди, утре вечер ќе ја носи капитенската лента, која ја наследи од Стефан Ристовски, кој (привремено) се повлече од националниот тим.

Во пресрет на пресметката со Италија, во квалификациите за пласман на ЕУРО 2024, Барди вели дека е голема чест да се носи капитенската лента.

„Емотивен е овој момент, да си капитен на Македонија, нешто многу значајно, лента која пред мене ја носеа Горан и Стефан. Јас многупати сум кажал дека во овој тим нема само еден капитен и лидер, туку има повеќе лидери кои ја заслужуваат лентата. За мене чест и задоволство е сето ова. Ова е нов предизвик за мене“.

Новиот капитен вели дека тој и соиграчите мора да бидат 100 отсто концентрирани бидејќи против ривал каков што е Италија само на тој начин може да се извлече позитивен резултат.

„Во денешниот фудбал ако не си дисциплиниран, тешко можеш да дојдеш до позитивен резултат. Ние секогаш тоа го зборуваме, иако нема многу време во краткиот период на подготовки, но сега разговаравме многу повеќе од досега, дека ако сме тим и дисциплинирани, ако си помагаме еден на друг на теренот, ако имаме заедништво, само така можеме до успех. Некако тоа ни фалеше во последно време, сега е подобро. Затоа велам дека само заедно можеме до големи резултати“, додаде Барди.

Scroll to Top