Евертон успеа да опстане во Премиерлигата, а борбата за избегнување на последното место кое води во Чемпионшип ќе ја водат Барнли и Лидс. Сепак, овие два клуба решија да водат правна пресметка против тимот од Гудисон, сомневајќи се дека потрошиле повеќе од дозволеното.
Барнли и Лидс побараа од Премиерлигата да ги истражи финансиите на директниот конкурент за опстанок. Посочуваат дека пријавените загуби на Евертон за последните три сезони изнесуваат дури 372 милиони фунти, а според правилата на Премиер лигата за тој период се дозволени 105 милиони фунти.
Евертон пријави загуба од 170 милиони фунти во последните две сезони, но со оправдување дека тоа се случи поради пандемијата на коронавирусот. Посочуваат и дека имале трошоци за новиот стадион и клупската академија, но и за женскиот тим.
Екипата од Гудисон претрпе и голем финансиски удар кога мораше да ги раскине спонзорските договори со компаниите, каде ко-сопственик е Алишер Усманов, бидејќи рускиот милијардер падна под санкциите на Велика Британија поради вооружениот конфликт во Украина.
Овој случај треба да се следи бидејќи можно е да му се одземат бодови на Евертон доколку се докаже дека обвинувањата се вистинити, а тоа би можело значително да влијае на редоследот на табелата.