Барселона и Интер, вечерва ќе го одиграат својот натпревар во рамките на третото коло во Б-групата, во Лигата на шампионите. Двата тима победија во првите две кола, а во дербито, Каталонците ја имаат фаворитската улога, иако во тимот ќе го нема Лионел Меси.
Аргентинецот се повреди во саботата, против Севилја. Тој има фрактура на подлактицата и во наредните три недели нема да игра за Барселона.
Прашањето е како Ернесто Валверде ќе го пополни местото на кое игра Аргентинецот, а најлогично е тука да игра Усман Дембеле, кој заедно со Луис Суарез и Фелипе Кутињо би ја формирал тројката напаѓачи.
Во некои најави на шпанските медиуми, како опција се споменува и Бразилецот Малком, играч за кого Барселона плати 41 милиони евра и кој досега во сезоната има одиграно само 25 минути. Тешко дека на толку значаен меч Валверде би ризикувал со таков играч.
Проблеми со ростерот има и Лучано Спалети. Дуелот со Барселона го пропушта Раџа Наинголан. Белгиецот се повреди во неделата на дербито против Милан.
Весино ќе ја покрива позицијата на која игра Наинголан.
На повреда по мечот со Милан се пожалил и Марцело Брозовиќ, но според информациите од Интер тој ќе биде во тимот.
Можни состави:
Барселона (4-3-3): Тер Штеген – Серхи Роберто, Пике, Ленгле, Жорди Алба – Бускетс, Ракитиќ, Артут – Демеле, Кутињо, Луис Суарез
Интер (4-2-3-1): Хандановиќ – Врсаљко, Шкринјар, Де Вриј, Асамоа – Весино, Брозовиќ – Перишиќ, Матинез, Политано – Икарди