Барселона е подготвена да го понуди Антоан Гризман на Пари Сен-Жермен во нов обид да го врати Нејмар на „Ноу Камп“, тврди „Скај спортс“.
Французинот дојде во Барселона ова лето за 125 милиони евра, но не импресионираше во Каталонија и клубот е подготвен да го „жртвува“ за да го врати Нејмар, откако минатото лето сите обиди за договор со ПСЖ пропаднаа поради превисоката сума која ја бараше францускиот шампион.
Според шпанските медиуми, Нејмар и напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез се приоритети на шпанскиот клуб, кој ќе се обиде да направи „трампа“ со своите играчи – Усман Дембеле и Филипе Кутињо честопати се јавуваат како први кандидати, а сега на оваа листа е и Гризман.
Според „Скај спортс“, Барса го цени Гризман на околу 100 милиони евра, и ќе го постави на продажба без разлика дали ПСЖ ќе се согласат на трампата, откако се јавија повеќе заинтересирани премиерлигаши, предводени од Манчестер јунајтед. И покрај ова, Барса ќе мора да даде и нешто кеш за да се реализира ваков трансфер.
Нејмар, кој си замина од Барса за рекордни 222 милиони евра во 2017 година, има договор со францускиот клуб до 2022 година.