Top Sport

Барса на „Енфилд“, Ливерпул се пред (не)возможна мисија

Дали Барселона е првиот финалист во Лигата на шампионите во сезоната 2018/2019? По импресивната победа од 3:0 во првиот полу-финален меч, веројатно само армијата навивачи на Ливерпул веруваат во чудо.

Ливерпул, за да ја надоместат негативата, треба да одиграат совршен меч и при тоа да се надевата дека Лионел Меси ќе има лош ден. Аргентинецот е клучниот фактор во играта на Барселона, а во првиот меч постигна два гола, со кои стигна до бројката од 600 гола во дресот на Барселона.

Минатата сезона Барселона испушти три гола во Рим против Рома. Ернесто Валверде сигурно многу научил од тој меч, поради што на „Енфилд“ неговиот тим ќе излезе во формација 4-4-2.

Оваа формација на клупата ќе го пресели поранешниот играч на Ливерпул, Фелипе Кутињо, во нападот ќе бидат Меси и Суарез, а Серхио Роберто ќе игра во редот за врска, додека Нелсон Семедо ќе биде на позицијата десен бек.

Со ваква формација, Барслеона, во последните 20 минути на првиот меч постигна два гола и успеа да ја неутрализира играта на Ливерпул.

Од друга страна Ливерпул покрај големиот минус има проблеми и со повредени играчи. Против Барселона сигурно нема да игра Роберто Фирмино, а под голем знак прашалник е и настапот на Мохамед Салах.

Египѓанецот, во саботата, поради повреда на главата, на носилки беше изнесен од „Сент Џејмс Парк“, каде Ливерпул во финишот со голот на Ориги го победи Њукасл 3:2 и остана во трката за титулата во Премиер лигата.

Утрешниот натпревар на стадионот „Енфилд“ во Ливерпул ќе започне во 21 часот. Во среда полу-финалниот реванш, во Амстердам, ќе го одиграат Ајакс и Тотенхем.

Scroll to Top