Усман Дембеле најверојатно ќе остане барем уште една сезона на „Ноу Камп“, откако Барселона наводно не може да пронајде купувач ниту за 60 милиони евра, повеќе од двојно помалку од сумата која каталонскиот клуб ја плати на Борусија Дортмунд (124 милиони евра).
Поради економската несигурност околу корона вирусот, но и низата повреди кои ги имаше Французинот, никој не е подготвен да ја плати ниту релативно ниската цена од 60 милиони за 22-годишниот напаѓач кој требаше да биде замена за Нејмар.
Пред последната повреда, агентот на Дембеле се сретнал со каталонскиот клуб за преговори за заминување ова лето, но сега ништо не е извесно, тврдат шпанските медиуми. И покрај неговите квалитети како одличен во финиширањето на акциите и умешноста со двете нозе, Дембеле има дури седум мускулни повреди во последните три години, нешто што ги разубедува заинтересираните клубови.