Со месеци се шпекулира за санкциите кои Барселона ќе ги плати поради веќе познатиот „случај Негреира“ и соработката со судиите.
Барселона во периодот од 2001 до 2018 година уплаќала средства на компанијата на поранешниот член на судиската комисија Енрикез Негреира, вкупно 7,3 милиони евра.
Од „Камп Ноу“ никогаш не беше демантирана таква соработка и сега Каталонците се пред најлошото сценарио, а тоа е исфрлање од Европа.
Потпретседателот на Бетис, Хозе Мигел Лопез Каталан, изјави дека Барселона треба да биде суспендирана на една сезона од европските натпреварувања.
„Многу сме загрижени. Она што се случуваше во изминатите 17-18 години е многу сериозно. УЕФА започна истрага и се надевам дека ќе дојдат до некои заклучоци во јуни. Сметаме дека е многу извесно дека Барселона ќе биде суспендирана на една година од настапите во Европа“, истакна Каталан.
„Важно е да не се заборави тоа. УЕФА има механизми и јас сум прилично нетрпелив бидејќи тоа е најголемиот скандал во историјата на шпанскиот фудбал“, дополни еден од челниците на Бетис.
Барселона со синоќешната победа (2:4) над Еспањол стиогна до 27. титула шампион на Шпанија.