Top Sport

Бартомеу: Барса немаше пари за Погба

Претседателот на Барселона, Жосеп Марија Бартомеу во интервју за „ЕСПН“ тврди дека каталонскиот гигант немал доволно пари да потпише со Пол Погба кога тој замина од Јувентус за да се врати кај Манчестер јунајтед во 2016 година.

Погба и Јунајтед во среда ќе се судрат со Барселона во првиот меч од четврт-финалето од Лигата на шампионите, но Погба би можел да носи поинаков дрес доколку работите испаднале поинаку во 2015. Барса имала состанок со агентот на Погба, Мино Рајола во 2015, но кога Јунајтед решија да платат 90 милиони фунти, Барса испаднала од „трката“.

„Летото 2015, Пол Погба играше во Торино и им порачавме на Јуве дека ако еден ден решат да го продадат, ние ќе сме заинтересирани. Но, кога го продаваа ни ја кажаа понудата и едноставно не можевме да си приуштиме такви пари тогаш. Затоа тој отиде во Јунајтед и ги направи подобар тим бидејќи е една од најголемите фудбалски ѕвезди на денешницата“, вели Бартомеу.

Барселона го победи Јунајтед во финалињата на ЛШ во 2009 и 2011 година, а ова е само вторпат да стигнат до четврт-финалето по повлекувањето на Сер Алекс Фергусон во 2003. Сепак, Бартомеу вели дека може многу да се научи од еден од најбогатите клубови на светот.

„Дојдов во Барса во 2003 со Жоан Лапорта и тогаш нашите приходи беа многу ниски. Еден од моделите кои го разгледувавме беше тој на Јунајтед, како тие го прават маркетингот, како потпишуваат спонзорски договори и кога учиш од најдобрите… Разликата не е таква сега, сега сме на слично ниво. Јунајтед секогаш биле за нас референца за финансисите и приходот, но и во перформансите“, додава Бартомеу.

Scroll to Top